Реакција за најсрамниот ден во историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

pp-logo-160x160На 30.06.2016 се одржаа избори за претседател на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (СПУКМ) организирани од нелегитимно тело. Вчерашниот ден е најсрамниот во историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ). Беше очигледно дека нелегалното тело со неприкриена намера спроведува нерегуларни избори надвор од академскиот календар.

Професорскиот пленум (ПП) најостро го осудува начинот на којшто вчера се одвиваа изборите за нов претседател на Студентскиот парламент при УКИМ (СПУКМ). Членовите на Професорскиот пленум се шокирани од фактот дека гласањето не беше прекинато и покрај забележаните неправилности:

  • непостоење на избирачки список, како основен инструмент за одвивање на гласањето;
  • немање паравани за обезбедување тајност на гласањето;
  • гласачки ливчиња без печат и без потпис;
  • учество на лица, ниту вработени ниту студенти на УКИМ, во организирањето и во спроведувањето на изборите, како и вршење притисок од нивна страна;
  • насилно одземање на гласачките кутии и нивно дислоцирање од местото на гласањето без претходно пребројување на гласачките ливчиња.

Членовите на Одборот за гласање ја злоупотребија својата положба и дозволија продолжување на гласањето со што реализираа незаконски избори. Ова е тежок срам за УКИМ и за Студентскиот парламент, а уште повеќе за оние кои ги подучиле и ги охрабриле да употребат вакви незаконски и насилнички методи во изборниот процес.

Професорскиот пленум најостро ги осудува директното вмешување во изборниот процес и бруталната тортура од страна на Специјалната единица за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи (ЕБР) врз претставниците на Студентскиот пленум кои искажуваа незадоволство од изборните неправилности. Со тоа МВР стана соучесник во криминалниот чин.

Бараме од Ректорот, Ректорската управа и Сенатот на УКИМ, односно раководните лица и тела на единиците при УКИМ да не ги признаат вчерашните криминални избори. Вчера беше нанесена катастрофална штета на угледот на УКИМ и на правата на студентите. За таа цел Професорскиот пленум бара итни седници на овие тела со единствена точка на дневниот ред – разгледување и средување на оваа скандалозна состојба.

Неопходна е итна и категорична реакција за спречување на натамошно продлабочување на оваа срамна ситуација. Сега е последен момент сите наставници и студенти да го прекинат индиферентниот однос и да се вклучат во одбраната на начелата на законитоста и моралитетот.

Професорскиот пленум бара итно преземање на одговорност од сите што спроведуваат, оправдуваат и простуваат самоволие и насилство.

Професорскиот пленум бара владеење на правото и на неселективната правда.

Професорскиот пленум бара почитување на правото на говор, на правото на слободна и на критичка мисла.

Професорскиот пленум бара создавање услови за слободно изразување на волјата на студентите.

Во спротивно, Професорскиот пленум ќе бара неотповиклива и итна оставка на членовите на Сенатот и на Ректорот и на сите одговорни лица кои без конкретна акција и реакција на вчерашните настани ќе ја продолжат оваа агонија.

Реакција по распишувањето избори за претседател на СПУКМ спротивно на законската процедура

pp-logo-160x160Откако Студентскиот пленум ја алармираше јавноста околу истечениот мандат на Претседателот на СПУКМ Кирил Спировски и нелегалниот статус на претставниците на студентите коишто ќе гласаат за избор на ректор на УКИМ, истите тие нелегални претставници продолжуваат со обидите за фалсификување на студентската волја.

Професорскиот пленум најостро го осудува обидот на нелегалното раководство на СПУКМ да организира избор за претседател во експресен рок и по завршувањето на академската година, т.е. во време кога најголем број студенти се отсутни и не се во можност ниту да се кандидираат ниту да гласаат. Со ова се прекршуваат одредбите од Правилникот за избори на СПУКМ и им се одзема правото на студентите на УКИМ да бираат и да бидат бирани, што претставува класичен акт на насилство на една мала група којашто го држи во заложништво целокупното студентското организирање.

Професорскиот пленум ги потсетува Ректорот на УКИМ, Ректорската управа и сенаторите на УКИМ дека фалсификувањето на изборот на студентски претставници во органите и телата на УКИМ не е само проблем на студентите, како што тврди Ректорот Стојковски, туку дека директно влијае на целокупното работење на универзитетот како и на законитоста на претстојниот избор за ректор.

Оттаму, Професорскиот пленум ги поддржува напорите на Студентскиот пленум да се спротивстават на уште еден обид за злоупотреба на студентското организирање и ги повикува сите членови на академската заедница коишто одлучуваат во органите и телата на УКИМ да побараат стопирање на постапката за избор на ректор сè додека не се одржат законски, фер и транспарентни избори за претседател на Студентскиот парламент, со што ќе се обезбедат услови за законска и фер постапка за избор на ректор.

Истовремено, Професорскиот пленум очекува од кандидатите за ректор на УКИМ да го одржат јавно дадениот збор дека ќе се откажат од учество во незаконска и нелегитимна постапка за избор на ректор и бара да преземат конкретни чекори во насока на заштита на законитоста на постапката.

Реакција на Професорскиот пленум во врска со случајот за наводно откриена корупција на Економскиот факултет и упадот од страна на полицијата на просторот на УКИМ на 6.6.2016 година

pp-logo-160x160Професорскиот пленум ги проследи достапните информации во медиумите и прес конференциите во врска со случајот за наводно откриена корупција, соопштен за јавноста на 6.6.2016, како и за неуставниот и незаконски упад од страна на специјалните полициски сили на просторот на УКИМ кој се случи истиот ден, а за што сведочеа и многу наши колеги од различни факултети. Во недостиг на поконкретни и целосни информации настапуваме со следниот јавен повик и став по двете групи информации.

1. Во врска со индицираните можни коруптивни шеми Професорскиот пленум остро ја осудува и самата помисла некој да се осмели да ја злоупотреби својата професорска позиција и со коруптивни активности да ги уценува и оштетува студентите. Универзитетите постојат заради студентите. Помислата дека некој од нашите колеги би можел да побарува дури и сексуални услуги за да впише оценка на студент нѐ згрозува сите нас.

Од овие причини:

  • Најпрво ги охрабруваме сите студенти да не подлегнуваат на никакви притисоци од каде и да доаѓаат и да се борат за своите права на чесно и гордо совладување на обврските од своето школување, затоа што освојувањето на знаењето и почитта меѓу колегите се едни од највисоките вредности кои се стекнуваат на еден универзитет. Ние како професори се трудиме оценките да бидат реални, но ниедна оценка не може целосно да го отслика вашето внатрешно знаење и самопочит кое ќе го стекнете кога ќе завршите. Не смеете да дозволите тоа никој да ви го загрози или одземе.
  • Во име на чесните трагачи по знаењето, почитувачите на науката и делото ги замолуваме сите студенти кои сега или во минатото биле евентуално жртви или оштетени по вакви или слични наводи, да го прифатат нашето извинување што не сме успеале да согледаме постоење на такви случаи и не сме успеале да се избориме против нивното случување. Ве замолуваме за помош, затоа што со ваша помош побрзо и полесно ќе можеме да покренеме иницијатива еднаш за секогаш да се сузбијат таквите појави, ако ги имало. Ве молиме тоа да го пријавите до сите релевантни институции, до оние кои ви се најблиски или за кои сметате дека се најсоодветни, почнувајќи од консултација со вашите колеги во студентските организации коишто може да ве информираат како да се справите со вакви случаи, да се обратите до студентскиот правобранител кој затоа постои, да се обратите до управните органи на вашите факултети или ректорати коишто можат да преземат заштитни и други мерки и да ги спречат настаните уште пред воопшто да се случат. Има многу инстанци кои можат да помогнат, ако еден студент смета дека е оштетен.
  • Ги потсетуваме сите студенти и целата јавност, дека секој студент кој се смета за оштетен од резултатите на некој испит има и формално право на жалба пред деканот на неговиот факултет, за тој да побара ревизија на оценката од професорот, а ако тоа не се случи, да организира специјален комисиски испит за студентот во кој нема да учествуваат професорите кои биле предмет на жалбата. Ваквата мерка е предвидена со цел другите наставници во комисијата да го спроведат испитот објективно и студентот да биде оценет соодветно на неговото знаење и е можност за покренување дисциплинска постапка против професорот кој бил предмет на жалбата.

Знаејќи го сето ова, ние сме зачудени како воопшто можело да се случи да дојде до таква ситуација професор да изнудува нешто од студентите за да положат. Како е возможно студентите да се неинформирани за своите права, па наместо да потегнат релативно едноставна институционална постапка, со која имаат можност да го заобиколат професорот без воопшто да разговараат со него и гордо и чесно да си ја освојат оценката во дополнително организираниот комисиски испит, тие да станат жртви на злоупотреба.

Затоа:

  • Бараме сите надлежни државни институции веднаш да преземат чекори кон утврдување на реалноста на наводите и објавување на сите детали за индицираната коруптивна шема. Доколку низ соодветно спроведена постапка утврдат дека навистина имало случаи на коруптивно и криминално однесување, да обезбедат функционирање на правото и да ги изведат сторителите пред надлежните судови, почитувајќи ја презумпцијата на невиност и почитувајќи ја автономијата на универзитетот. Во досегашните соопштенија не беше доволно јасно искажано дали осомничените професори ги уценувале своите студенти за да им дадат оцена, дури и кога тие објективно ја заслужиле, или студентите им нуделе финансии и услуги на професорите, за да добијат оценка без никакви знаења. Бараме правдата да не биде селективна, да се спроведе кон сите инволвирани и да биде објективна. Притоа бараме целосна транспарентност на постапката, затоа што универзитетите се по природа јавни и на нив ништо не смее да се крие. Секое криење информации раѓа сомнеж кон правичноста на постапките.
  • Бараме од сите ректори на сите универзитети во Република Македонија да отпочнат една заеднички координирана, но интерна постапка на секој универзитет, за реална анализа која ќе ја утврди инциденцијата на ваквите случаи и ќе предложи евентуални мерки за превенција на појавата и интерни дисциплински постапки против евентуалните сторители и на страната на професорите и на страната на студентите, доколку се утврди дека се случувале вакви појави.

2. Во врска со противуставниот и противзаконски упад од полициските сили на просторот на засегнатиот универзитет, сметаме дека криминалот е криминал и дека за него не смее да има толеранција. Анархија не може да се толерира ниту на автономен универзитет, но не може да се толерира ниту во државни органи. Ако постои селективност, ќе мора да сметаме дека и самите државни органи се корумпирани и криминализирани.

Затоа, Професорскиот пленум најостро го осудува најновиот упад во автономијата на универзитетите во Република Македонија од страна на актуелните властодршци. Спектаку­ларниот чин на целодневна драма со маскирани и до заби вооружени припадници на специјални полициски сили на главниот универзитетски кампус во Скопје не може да се толкува инаку, освен како закана и застрашување. На овие закани реагираме со индигнација од позиција на професионален дигнитет, не само во име на нашата професија, туку и во име на сите слободни граѓани на оваа земја. Ова не е прв, ниту најсериозен удар против автоно­мијата на универзитетите во Македонија. Во изминативе години не прекинува притисокот за потчинување и контролирање на независноста на универзитетите. Универзитетската автоно­мија постојано се нагризува со законски и подзаконски уредувачки акти и одредби и оваа ерозија се однесува на сите аспекти на автономијата.

Професорскиот пленум силно се противи не само на нарушувањето на автономијата од страна на МВР, туку и на несоодветното реагирање на универзитетската управа. Професор­скиот пленум не може без искрен сомнеж да праша какви тоа опасни вооружени банди шетаат по Универзитетскиот кампус на УКИМ, за да има потреба од ангажирање на специјалните единици кои упаѓаат на универзитетската територија, со што е прекршен Член 14 од Законот за високо образование.
Професорскиот Пленум силно се противи на несразмерната и прекумерна употреба на милитаризирани полициски сили кои имаат за цел да ја заплашат академската и целокупната македонска јавност, притоа прекршувајќи и низа членови од Законот за полиција.

Начинот на кој оваа полициска парада беше изведена има јасна цел, понатамошно дис­кредитирање на независната мисла во оваа земја, во што свој удел има и универзитетската управа која се обидува да се изземе од одговорност заради сопствена нерешителност и очигледна некомпетентост. Професорскиот пленум бара одговорност од сите инволвирани и порачува дека секогаш ќе ја застапува и брани универзитетската автономија на која почива општествениот напредок.

Професорскиот пленум ги охрабрува и поддржува истражните постапки за утврдување на коруптивни и лукративни кривични дела, но изразува сомнеж за мотивите и основите на целата постапка, токму заради невкусниот полициски упад на автономната територија. Делата за кои се води истражна постапка со ништо не укажуваат и не предвидуваат такво парадирање на симболичко и фактичко насилство.

Професорскиот пленум укажува дека академската заедница никогаш нема да се преплаши и понижи, за да заборави на неопходноста да се здружи и да се брани. Секогаш кога расте притисокот, расте и отпорот. Професорскиот пленум секогаш ќе зборува гласно и јасно во заштита на академската независност и ќе ја брани целосната одвоеност на високо образовната дејност од партиските и дневно-политичките интереси.

Професорскиот пленум бара од Обвинителството и МВР да истапат со децидни и прецизни одговори за сите наводи и неразјаснети прашања, особено за следниве аспекти:

  • Прецизни и детални објасненија за тоа зошто постапката била на начинот на кој што била, кој издал наредба за таков начин и зошто тоа го направил?
  • Колку единици биле испратени и на кои сѐ адреси, бидејќи имаме добиено информации дека имало единици и на други факултети, за што не беше ништо соопштено, ниту пак има индиции дека таму имало кривично дело во тек?
  • Кој ќе биде виновен ако од обвинителството или МВР протекле информациите во медиумите, особено ако протекле преуранети информации кои потенцијално можат да овозможат криење докази или да ги омаловажуваат луѓето кои се осомничени, но не и докажано виновни?
  • Дали ќе покренат внатрешна истрага во обвинителството и во МВР за протекување информации?
  • Дали ќе покренат внатрешна истрага во обвинителството и во МВР за издадена наредба со која е предвидена прекумерна употреба на сила?
  • Колку чинеше целата акција и дали постоеше начин да се спроведе од само неколку службеници во цивилна облека, без ангажирање на специјални единици?
  • Ако имало индиции за криминал и биле собирани докази подолг период, зошто дополнително се чекало, ставајќи на ризик да бидат оштетени поголем број лица?

Ако не добиеме одговори со детални информации на сите овие прашања, тогаш нужно ќе сметаме дека целата акција е тенденциозна како што се шпекулира во јавноста и нема за цел справување со реалните проблеми со злоупотреби за кои има индиции видливи во разни анкети спроведени кај студентите, туку дека е само злоупотреба на позиција на власт, за да се влее страв кај академската заедница и таа да биде замолчена за време на огромната институционална криза во државата, во која предмет на истрага се случувања во повеќе државни институции, и нивни сегашни или претходни раководства.

Професорскиот пленум ги повикува сè уште актуелните сенатори на УКИМ да побараат свикување вонредна седница на Сенатот на УКИМ, на која Ректорот Стојковски ќе ја информира академската заедница за тоа дали и како е испочитувана процедурата од страна на МВР по однос на законски гарантираната неповредливост на универзитетската територија и оправданоста на неговата одлука, доколку издал одобрение за ваквата акција.

Дебата со кандидатите за ректор на УКИМ

pp-logo-160x160Изборот на ректор на најголемиот јавен универзитет во Република Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, влегува во завршна фаза.

Чувствувајќи дека процесот за избор се одвива недоволно транспарентно и со намера да се воспостават нови практики и стандарди, членови на Професорскиот пленум кои потекнуваат од УКИМ иницираа, а Професорскиот пленум прифати организирање на јавна дебата во која ќе учествуваат кандидатите за ректор и членовите на академската заедница.

Целта на ваквата дебата е аргументирањето на различните програми и концепти за развој на универзитетот и високото образование како и културата на дијалог да станат клучни сегменти во процесот на избор на ректор. Професорскиот пленум ќе поддржи слични иницијативи и за другите универзитети во Република Македонија, придонесувајќи кон отвореноста на процесите за избор и нивната втемеленост во принципиелен натпревар помеѓу различни вредности и визии.

На дебатата која ќе се одржи на 7.06.2016 година во 18 часот на Факултетот за земјоделски науки и храна, се очекува кандидатите за ректор да ги изнесат основните елементи на своите програми и да се произнесат за клучни прашања поврзани со високото образование, науката и творештвото, како и за општествениот амбиент во кој тие се остваруваат. Исклучително важен сегмент на овој настан ќе биде можноста присутните членови на академската заедница да поставуваат прашања и во директна комуникација со кандидатите да дебатираат за нивните изнесени ставови.

Ги повикуваме сите членови на академската заедница, а особено студентите, како и членовите на Ректорската управа и новиот состав на Универзитетскиот сенат коишто непосредно учествуваат во изборот на идниот ректор на УКИМ, активно да се вклучат во дебатата со што ќе покажат дека го преземаат својот дел од општествената одговорност за развојот на Универзитетот и високото образование.

 


 

ПРОГРАМА

Прв дел (18:00 – 19:00 часот)

Претставување на програмите на кандидатите со осврт на следните клучни аспекти:

  • Закон за високото образование
  • Автономија
  • Одржливо финансирање
  • Осигурување квалитет на наставната и научно-истражувачката дејност и творештво на УКИМ

Пауза (19:00 – 19:15 часот)

Втор дел (19:15 – 20:30 часот)

Прашања од публиката до кандидатите.

 


 

Дебатата ќе се одржи на 07.06.2016 година (вторник), со почеток во 18 часот, во амфитеатарот 40, на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

Осуда за приведувањето на Здравко Савески

pp-logo-160x160Професорскиот пленум најостро го осудува срамниот чин на приведувањето на нашиот колега Здравко Савески.

Ја повикуваме целокупната академска и граѓанска јавност да застане во безрезервна солидарност со професорот Савески и масовно да излезе на протест против власта која аболира криминалци, a апси борци за граѓански права!

#протестирам
#protestoj
#поздравпленумци

No justice, no peace! Support for the civil protests and the return of the rule of law in the Republic of Macedonia!

PP LOGO FBDear fellow citizens,

Twenty-five years ago, we jointly declared the Republic of Macedonia an independent and sovereign state with a democratic system of government and a Constitution according to which all are equal before the law. We stepped on the path of independence desiring our place under the sun to be a country where each of us would speak their mother tongue, develop their own culture and exercise their religion, where each of us would create and compete on one’s own behalf and on the behalf of others. Continue reading

Nu- are ãndriptate nu-are irinje! Sustsãnire ti protestile a bãnãtorlor ti turnare a condutsirljei a ãndreptului tu Republica Machedonia!

PP LOGO FBTinjisits cobãnãtoare shi cobãnãtor

Ninte 25 di anj tuts deadun u-proclamãm Republica Machedonia ca stat independentu shi suveran cu condutsire democraticã shi Consitutsie dupu cai tuts banãtor shi banãtoare sãntu idghi ninte di nomlu. Aghurghim s-imnãm pi calea di independentsa cu vreare loclu anostru sum soarle s-hibã stat tu cai cafi un di noi liber va shu zburascã limba alui di dadã, va s-u developeadzã cultura shi va s-u practicheadzã relighia alui, va s-adarã shi va s-alagã ti nãs singur shi ti alantsã. Continue reading