Реакција по распишувањето избори за претседател на СПУКМ спротивно на законската процедура

pp-logo-160x160Откако Студентскиот пленум ја алармираше јавноста околу истечениот мандат на Претседателот на СПУКМ Кирил Спировски и нелегалниот статус на претставниците на студентите коишто ќе гласаат за избор на ректор на УКИМ, истите тие нелегални претставници продолжуваат со обидите за фалсификување на студентската волја.

Професорскиот пленум најостро го осудува обидот на нелегалното раководство на СПУКМ да организира избор за претседател во експресен рок и по завршувањето на академската година, т.е. во време кога најголем број студенти се отсутни и не се во можност ниту да се кандидираат ниту да гласаат. Со ова се прекршуваат одредбите од Правилникот за избори на СПУКМ и им се одзема правото на студентите на УКИМ да бираат и да бидат бирани, што претставува класичен акт на насилство на една мала група којашто го држи во заложништво целокупното студентското организирање.

Професорскиот пленум ги потсетува Ректорот на УКИМ, Ректорската управа и сенаторите на УКИМ дека фалсификувањето на изборот на студентски претставници во органите и телата на УКИМ не е само проблем на студентите, како што тврди Ректорот Стојковски, туку дека директно влијае на целокупното работење на универзитетот како и на законитоста на претстојниот избор за ректор.

Оттаму, Професорскиот пленум ги поддржува напорите на Студентскиот пленум да се спротивстават на уште еден обид за злоупотреба на студентското организирање и ги повикува сите членови на академската заедница коишто одлучуваат во органите и телата на УКИМ да побараат стопирање на постапката за избор на ректор сè додека не се одржат законски, фер и транспарентни избори за претседател на Студентскиот парламент, со што ќе се обезбедат услови за законска и фер постапка за избор на ректор.

Истовремено, Професорскиот пленум очекува од кандидатите за ректор на УКИМ да го одржат јавно дадениот збор дека ќе се откажат од учество во незаконска и нелегитимна постапка за избор на ректор и бара да преземат конкретни чекори во насока на заштита на законитоста на постапката.

Напишете коментар